Велс добива големо засилување пред мечот против Македонија

Македонската фудбалска репрезентација на 18 ноември ќе гостува кај Велс во Кардиф во последниот меч од квалификациите за Светското првенство (СП), а нашиот ривал доби големо засилување пред решавачкиот натпревар.

„Би-Би-Си“ објави дека фудбалерот на Тотнем, Бен Дејвис ќе биде вклучен во составот на Велс за дуелите против Лихтенштајн и Македонија во квалификациите за Мундијалот.

Дефанзивецот на Велс беше надвор од терените уште од 13 октомври кога се повреди, па дуелот против Лихтенштајн треба да му биде само „загревање“ за тоа што следи на 18 ноември.

Македонија ќе игра против Велс за второто место во групата кое ќе обезбеди подобра позиција во баражот, а доколку Велс претходно не слави со повеќе од шест голови против Лихтенштајн, тогаш на нашите репрезентативци ќе им биде доволно и реми во Кардиф.

Натпреварот меѓу Велс и Македонија е закажан на 18 ноември од 20.45 часот во Кардиф.

Фото: EPA