Шкупи емотивно се прости од својот поранешен тренер кој почина вчера (ФОТО)

Додека грчевито се бори за опстанок во Првата лига, но и за својата егзистенција како клуб, Шкупи вчера го потресе веста за смртта на неговиот поранешен тренер Младен Жижовиќ.

Босанскиот стучњак почина среде натпревар во Лучани, додека го водеше тимот на Раднички Крагуевац, екипа која ја презеде пред десетина дена. Вчерашниот меч беше само трет за него како шеф на стручниот штаб на овој клуб, но не го дочека неговиот крај. Шкупи со емотивна порака се прости од тренерот под чие водство беше пред две години.

„Со длабока тага се збогуваме од нашиот поранешен тренер Младен Жижовиќ. Твојата посветеност, страст и лидерство секогаш ќе останат во нашите сеќавања. Засекогаш си дел од нашата историја“, објави Шкупи.

Жижовиќ дојде во чаирскиот клуб на 9 септември 2023 година, како наследник на Џихат Арслан и остана до 18 април 2024 година. во тој период го водеше Шкупи на 21 натпревар, остварувајќи 13 победи, шест нерешени резултати и само два пораза. Кобен за него беше поразот од Тиквеш во Купот на Македонија поради што доби отказ и на негово место беше назначен Ернест Ѓока кој ја доврши сезоната.