Продолжи 15-годишното проклетство: Барселона останува баук за Партизан
Вечерва пред своите навивачи беше блиску да го прекине проклетството кое трае од 2010 година, имаше двоцифрено водство, но не успеа да се одбрани во клучните моменти и гостите славеа со 78-76. Искуството на Барселона дојде до израз во финишот, а одлучи неверојатната тројка на Вил Клајбурн кој погоди речиси од центарот на теренот и тоа „без коски“ на 32 секунди пред крајот.
Партизан имаше напад можеби и за победа, Стерлинг Браун се направи добро, требаше само мирно да положи, но гостите ја извадија топката од обрачот и потоа буквално им ја скрија на противниците кои успеаја да направат фаул дури на секунда пред крајот.
Остана некрунисана играта на Тајрик Џонс кој постигна 15 поени, 13 скока и 7 асистенции. Сепак, далеку пред него беше Торнике Шенгелија кој го одигра најдобриот натпревар оваа сезона, постигнувајќи 24 поени, 5 скока, 5 асистенции и 4 украдени топки за индекс 42.
Од останатите натпревари вечерва, Хапоел загуби на гостувањето кај Олимпијакос со 58-62 и е симнат од челната позиција на табелата каде сега се наоѓа Жалгирис.
РЕЗУЛТАТИ
Монако - Панатинаикос 92-84
Олимпијакос - Хапоел 62-58
Басконија - Анадолу Ефес 86-75
Партизан - Барселона 76-78.