Феникс го врати Работнички во реалноста
Феникс по вторпат славеше во меѓусебните дуели со Работнички и во случај на ист број бодови ќе биде подобро пласиран од својот градски ривал. Последните сезони тимот од Гази Баба е исклучително незгоден за Работнички, а оваа кампања двете екипи ќе водат жестока битка за опстанок.
Работнички скапо го чинеше лошиот влез во мечот, Феникс со серија од 9-0 се одлепи на 17-8, а во последната минута од воведниот период ги достигна највисоките +12 (28-16). Гостите се консолидираа во вториот период, со серија од 7-0 се доближија на 33-34, но Феникс не дозволи да го загуби водството и на голем одмор замина со 42-36. И во второто полувреме слична приказна - Работнички ќе се доближеше на еден посед негатива и потоа следуваше жесток одговор на спротивната страна. Така беше и на минута пред крајот, при резултат 78-77 за Феникс, нападот не одеше течно, но со звукот на сирената Рахама погоди тројка и го откажа Работнички кој во следната акција не успеа да поентира и победникот веќе беше решен.
Дајсон со 23 поени беше најефикасен кај Феникс, Рахама и Златевски постигнаа по 14, а Ниа 11. Ефремовски го предводеше Работнички со 24 поени, но дури 19 од нив постигна во првото полувреме.