Ферстапен блеска во Остин - по спринтот, ја освои и пол позицијата

Актуелниот светски шампион во Формула 1 ја освои седмата пол позицијата оваа сезона откако триумфираше во квалификациите пред вечерашната трка за Големата награда на САД, на патеката во Остин.

Холанѓанецот дојде до победата со време од 1:32.510 минута, три десетинки побрзо од Ландо Норис во Мекларен. Најблиску до нив е Шарл Леклер од Ферари, кој беше само шест илјадити зад Британецот.

Лидерот во генералниот пласман Оскар Пјастри го освои шестото место што е негово најлошо квалификациско време во сезоната, ако се изземат инцидентите.

Трката за Големата награда на САД се вози денеска од 21 часот, а Ферстапен ќе има шанса дополнително да им се доближи на ривалите и да ја направи борбата за шампионската титула уште поинтересна во финишот од сезоната. Вчера тој триумфираше и во спринтот, најавувајќи битка до последната трка.