Одбојкарски репрезентативец има нов интернационален предизвик – во тим од Кипар!

Македонскиот одбојкарски репрезентативец, Лука Костиќ, ја продолжува својата интернационална кариера на Кипар, каде што ќе настапува за прволигашот Анагениси Дериниа.

Договорот е потпишан на една година, а тој дебито во новиот клуб ќе го има викендов, со почетокот на кипарското првенство.

„Со Дериниа се договоривме на едногодишна соработка. Веќе имав неколку тренинзи и одлично сум прифатен од соиграчите. Атмосферата е позитивна, тимот има добра енергија и мешавина од млади и искусни играчи. Очекувам успешна сезона“, изјави Костиќ.

Од клубот го најавија македонскиот примач како искусен и борбен одбојкар, кој со својата енергија и мотивација ќе биде значаен адут за екипата во новата сезона. Потекнувајќи од Вардар, Костиќ во македонското првенство настапуваше уште за Џио Струмица и ГОК Борец, а интернационалното искуство го градеше преку настапи за Босна (БиХ), Рибница Краљево (Србија), Марек Дупница (Бугарија) и Будуќност Подгорица (Црна Гора).

Летово тој беше дел од македонската репрезентација во Европската Златна лига и квалификациите за Европското првенство 2026, каде што националниот тим го обезбеди четвртото по ред учество на континенталниот собир.