
МЗТ со поголеми шанси за враќање во јадранската елита – Цибона се откажа од АБА2!
Ова е удар и врз вториот македонски претставник, тимот на ТФТ, кој требаше задутре да гостува во Загреб. „Цибоси“ се учесници во натпреварувањата на АБА од нејзиното формирање и ова е огромна шлаканица за регоналната лига со оглед што си заминува поранешен европски шампион и еден од основачите.
„Собранието на Цибона денеска реши клубот да не настапува во АБА 2 лигата оваа сезона. Одлуката е донесена по детална анализа на спортските, организациските и финансиските околности, како и разгледување на поширокиот контекст во кој се наоѓа клубот. Таа е донесена исклучиво во рамките на Цибона, врз основа на стратешко размислување за иднината и правецот во кој сакаме да го развиваме клубот со препознатлив идентитет, традиција и европски амбиции. Цибона преку својата богата историја секогаш била симбол на хрватската кошарка и име кое се почитува на европската сцена. Токму затоа веруваме дека нашата иднина припаѓа на европските натпреварувања, во кои Цибона има можност достојно да ја претставува хрватската кошарка, во согласност со својата традиција и амбиции. Во сезоната 2025/26, ќе ги насочиме сите свои спортски и организациски ресурси кон натпреварувањата во хрватската лига, Купот на Крешимир Чосиќ и ФИБА Европа купот“, стои во соопштението на Цибона.
МЗТ сезоната ја почна со лесна победа против Вршац, а во првиот дел од АБА2 немаше предвидено пресметка со Цибона. За ТФТ, пак, тоа требаше да биде прв меч оваа сезона во регионалната конкуренција.