Летаа боксови, колена и лактови: Переира брутално го претепа Анкалаев и пак стана УФЦ првак (ВИДЕО)

Бразилскиот борец, Алекс Переира, со нокаут по само 80 секунди го совлада Магомед Анкалаев и го врати шампионскиот појас во полутешка категорија, на спектакуларната приредба УФЦ 320 одржана ноќеска во Лас Вегас.

Борбата траеше едвај повеќе од една минута кога Переира со десен „оверхенд“ го погоди Анкалаев над увото и силно го потресе. Русинот падна на подот, а Бразилецот веднаш реагираше со серија жестоки удари со тупаница и со лакт, принудувајќи го судијата Херб Дин да ја прекине борбата. Откако судијата сигнализираше крај, Переира радосно го покажа со прст кон противникот кој лежеше на подот, гест што Анкалаев и неговиот агол го доживеаја како знак на непочитување.

Рускиот борец потоа се обиде да му се приближи на Переира, но редарите брзо интервенираа и спречија евентуален инцидент. Набрзо потоа, Бразилецот му пријде на Анкалаев за да се извини за однесувањето. Овој вид на прослава не е нов за Переира - слично реагираше и по победата над Џамал Хил, кога објасни дека тоа било одговор на потценувањето што го чувствувал пред мечот.

ФОТО: X / @concatenarsim