
Ретко видена доминација на Бецеки во Индонезија, новиот првак уште не се отрезнил!
Возачот на Априља постави рекордно време од 1:28,832 минути, со кое го подобри претходниот апсолутен рекорд на патеката за 0,256 секунди и го остави зад себе Фермин Алдегер, кој ќе стартува втор. Првата стартна редица ја заокружува Раул Фернандес од тимот на Трахаус, исто така со мотоцикл на Априља. Од вториот ред ќе стартуваат Алекс Ринс, кој беше блиску до историски резултат за Јамаха, но падна во последните секунди од квалификациите, а потоа Педро Акоста и Лука Марини.
Третата редица ја сочинуваат Алекс Маркес, Фабио Квартараро и новиот светски шампион Марк Маркес, за кого ова се најслаби квалификации од почетокот на сезоната. Потоа следуваат Мигел Оливеира, Фабио Ди Џанантонио и Жоан Мир.
По слабото квалификациско издание, Франческо Бањаја ќе стартува дури 16-ти, во ист ред со Енеа Бастијанини и Жоан Зарко. Последната редица на стартот ќе ја сочинуваат Сомкијат Чантра и Маверик Вињалес, чие учество во спринтот и главната трка сè уште е неизвесно. Големата награда на Индонезија, 18-та трка од сезоната во Мото ГП, продолжува во 10 часот по македонско време со спринт-трката од 13 кругови.
ФОТО: EPA PHOTO