Барселона му врти грб на Флорентино Перез - ќе се откаже од Суперлигата

Раководството на Барселона сериозно размислува наскоро да се откаже од проектот „Суперлига“ во кој клубот остана осамен со Реал Мадрид откако останатите европски клубови се откажаа по големите политички и фудбалски притисоци.

Идејата за вакво натпреварување, кое ќе го водат клубовите, а не УЕФА, беше актуелно повеќе од пет години, но на крајот останаа само шпанските гиганти. Сега од него ќе излезе и Барселона која последните месеци ги затопли односите со УЕФА и не сака повеќе да ѝ прави проблеми на оваа организација.

УЕФА ѝ излезе во пресрет на Барселона по неколку важни прашања, пред се во врска со стадионот имајќи предвид дека Камп Ноу уште не е подготвен, а европската фудбалска унија дозволи, евентуално, каталонскиот клуб да се врати таму ако објектот биде завршен пред крајот на првата фаза од Лигата на шампионите што обично не беше дозволено.