Мадрид во страв од хулиганите на Шкендија: Пазете се, доаѓаат 200 насилни Балисти!

Во Мадрид владее голем страв пред утрешниот натпревар на Рајо Ваљекано и Шкендија во Конференциската лига, поради најавеното присуство на повеќе од стотина хулигани на тетовскиот клуб, познати низ Европа по својата агресивност и насилничко однесување.

Тимот за кој до неодамна настапуваше нашиот Столе Димитриевски по подолга пауза повторно игра во европските натпреварувања, но фокусот овој пат не е само на спортскиот дел. Според шпанските медиуми, во Ваљекас се очекуваат околу 200 поддржувачи на Шкендија, од кои најголем дел, ако не и сите се припадници на навивачката група „Балисти“. Тие со автобуси пристигнуваат од Македонија, а натпреварот е прогласен за високоризичен. Националната полиција најави над 320 службеници за обезбедување, но и покрај тоа загриженоста не стивнува.

Проблем за максимално безбедно справување со „насилниците од Тетово“, како што ги нарекуваат Шпанците, претставува и тоа што гостинскиот сектор во Ваљекас нема преграда со домашните навивачи, што е спротивно на правилата на УЕФА и Ла Лига. Така дел од навивачите на Рајо ќе бидат сместени веднаш до, па дури и под „Балистите“. Во Шпанија стравуваат дека би можеле да се повторат сцени какви што веќе имало во Сан Себастијан, кога ултрасите на Бенфика фрлаа факели и предмети врз домашните навивачи.

„Во четврток може да завршиме во вестите поради ова и тоа во црната хроника“, предупредува еден локален навивач на социјалните мрежи.

Причина за ваквиот страв од навивачите на Шкендија е нивното однесување низ годините, но најмногу поради ужасот што се случи пред девет години на мечот против Гент (0-4) по кој имаше судир со полицијата, демолирање на стадионот, неколкумина приведени и уништена зелена површина во градскиот парк. На мечот, пак, навивач на клубот влезе на теренот и физички го нападна голманот на противничката екипа.

Европските медиуми потсетуваат и дека навивачката група на Шкендија го носи името на албанска милитантна група, која ги подржувала фашистите за време на Втората светска војна. Тие пред и по овој инцидент правеа други ужаси, претежно од националистички и антимакедонски карактер, меѓу кои спаѓа и сквернавење и палење на македонското знаме.