Синер освои нова титула, прва по Вимблдон

Вториот светски рекет Јаник Синер го освои третиот турнирски трофеј оваа сезона откако триумфираше на АТП турнирот во Пекинг.

Во денешното финале, во кое беше апсолутен фаворит, Италијанецот го победи Лернер Тиен од САД, 52. на АТП листата со 2-0 (6-2, 6-2) за само 74 минути игра. Американскиот тенисер воопшто немаше шанси на овој меч, Синер отвори со 5-1 и кратко потоа поведе со 1-0 во сетови, а во вториот сет Тиен некако се држеше до 2-2 по што противникот освои четири гема по ред и дојде до победата.

Ова е втор триумф на Синер во Пекинг откако таму ја освои титулата и во 2023 година, додека лани загуби од Карлос Алкараз во финалето. Интересно е тоа што ова беше само трета титула за Синер во 2025 година, а прва што не е Гренд слем бидејќи досега славеше само на Австралија Опен и Вимблдон. Токму на Вимблдон, пред безмалку три месеци, го освои последниот трофеј, а оттогаш настапи само на два турнира, во Синсинати и УС Опен и на двата беше поразен од Алкараз во финалните дуели.