
По 11-часовна расправа, донесена е одлука: Ќе се руши култниот „Сан Сиро“!
Миланските гиганти Интер и Милан се нови сопственици на стадионот за што ќе платат 197 милиони евра. Расправата заврши нешто пред 4 часот изутрина кога 24 одборници гласаа ЗА, а 20 ПРОТИВ со тоа што двајца беа воздржани. Токму воздржаните се покажаа клучни бидејќи го намалија прагот потребен за мнозинство гласови.
Дебатата ја одбележаа жестоки кавги, неколку советници на Демократската партија гласаа ЗА предлогот, додека останатите ја критикуваа работата на претседателите на Интер и Милан, Бепе Марота и Паоло Скарони.
Миланските клубови за неколку месеци ќе го срушат „Сан Сиро“ и на негово место ќе изградат нов, со капацитет од 71 илјада места. Се очекува објектот да биде завршен до 2031 година, а изградбата ќе чини околу 1,2 милијарди евра. Целта е тој да биде подготвен за Европското првенство во 2032 кое ќе го организира Италија, заедно со Турција.