„Да им го честитаме 40. роденден на Чкембари со - уште една голема победа во Битола!“

Во Битола владее голема ракометна еуфорија пред утрешниот меч од третото коло од Лигата на шампионите, во кој Пелистер ќе го пречека данскиот шампион ГОГ Гудме (20.45 часот).

Причина за тоа е посебната симболика – верните „Чкембари“ го одбележуваат својот 40. роденден.

„Сакаме нов триумф и оваа победа ќе им ја посветиме на нашите фанови, особено на ‘Чкембари’ кои слават 40 години постоење. Ќе дадеме сè од себе, како и на мечевите против Загреб и ПСЖ. Веруваме во чуда, играме до последен момент и борбата никогаш не запира,“ изјави македонскиот репрезентативец и левото крило на пелистерци, Петар Атанасијевиќ.

Сличен повик упати и словенечкиот ракометар Нејц Цехте, кој верува дека домашната публика ќе биде клучен фактор.

„ГОГ Гудме има млад и брз тим, но мислам дека нашата одбрана ќе им го скрати просторот за лесни голови. Ги повикувам навивачите – заедно да го прославиме нивниот јубилеј и со победа да покажеме дека напредуваме“, дополни Цехте.

Пелистер во првото коло на домашен терен славеше над Загреб, а потоа во Париз по голема борба и судиска кражба беше поразен од ПСЖ.