Силекс против Струга ќе ги лечи раните од Куманово, Арсими брка нова сензација!

Поразот од Башкими во Куманово во минатата рунда ја зголеми мотивацијата кај фудбалерите на Силекс пред денешното дерби на домашен терен со Струга ТЛ во меч од 7. коло од Првата лига.

Двата тима во досегашниот тек од сезоната покажаа шампионски амбиции, па се очекува неизвесен и динамичен натпревар на стадионот во Кратово. Еден од најзаслужните за добриот старт на кратовци, португалецот Мигуел Пиреш, смета дека пресметката ќе биде решена од нијанси. Тој има четири гола во првите шест кола, иако игра како офанзивен играч од средниот ред.

„Верувам дека ќе биде израмнет натпревар, каде што победата ќе ја однесе тимот што ќе направи помалку грешки. Немам големо искуство со Струга, но од мечот против Шкендија видов дека играат брзо, интензивно и со квалитетни индивидуалци“, изјави Пиреш.

Новиот интернационалец нагласува дека лигата е конкурентна и во подем, особено по воведувањето на ВАР системот:

„Првенството е интересно, со клубови со традиција, но и со тимови што растат. Во Силекс дојдов со цел – борба за титула. Минатата сезона клубот беше блиску до целта, а верувам дека оваа може да направиме чекор повеќе“, смета голгетерот на кратовци.

И покрај неочекуваниот пораз од Башкими, тој повикува на брзо заборавање и фокус на новиот предизвик:

„Тоа е дел од фудбалот. Мораме да гледаме напред и да одиме од меч во меч, затоа што шампион ќе биде тимот што ќе остави најмалку бодови по пат“, дополни Португалецот.

Интересно ќе биде и во Струмица, каде што Брера и Арсими ќе ја бркаат втората победа сезонава. Домаќинот сака да направи исчекор кон средината од табелата, додека гостите се надеваат на нова сензација налик на таа на претходното гостување кај Пелистер (4-0).

ПРВА ЛИГА - 7. КОЛО

ДЕНЕСКА (15:30 ч.)

Струмица: АП Брера – Арсими

Кратово: Силекс – Струга

ОДИГРАНО

Тетово: Шкендија – Тиквеш 1-0

Скопје: Вардар – Работнички 3-1

Скопје: Шкупи – Македонија ЃП 0-2

УТРЕ (15:30 ч.)

Битола: Пелистер – Башкими