
Соседско дерби на Градски: Вардар на мегдан со Работнички!
Соседите се на спротивни позиции на табелата, оваа сезона двата клуба имаат различна цел, но денеска и двата тима ги сакаат трите бода.
Вардар заедно со Струга е дел од врвот, додека Работнички е на претпоследното место на табелата.
„Пред ваквите дуели нормално е да се каже дека го респектираме противникот, кој секако има свој квалитет, дека ќе дадеме сè од себе на теренот и дека посакуваме победа. Работнички е тим со квалитетни и искусни играчи, а има и неколку активни младински репрезентативци, што не е за потценување. Од друга страна, ние не само што поседуваме несомнен квалитет, туку периодов и играме добро. Против Арсими имавме и тоа како добар ден, посакувам истото да се повтори и денес. Вечерен термин, арена, добар терен, публика, нормално е секој да сака да биде дел од овој дуел. Конечно, ние сме Вардар, а во овој момент, во оваа лига, Вардар се прашува. Одиме на три бода и на славје со нашите навивачи,“ изјави Димитар Тодоровски пред дербито против неговиот поранешен клуб Работнички.
Голманот на Работнички, Васко Василев вели дека веруваат во позитивен резултат и покрај актуелната состојба на табелата.
„Дуелите меѓу Работнички и Вардар секогаш носат дополнителна возбуда. Атмосферата во нашиот тим е на високо ниво по триумфот над Пелистер и сега сите мисли се насочени кон дуелот со Вардар. Го респектираме максимално Вардар, тоа е најтрофејниот македонски клуб, но веруваме дека можеме да одиграме добар натпревар и да оствариме позитивен резултат. Мечот се игра во вечерен термин, што е убава покана и за гледачите да дојдат во голем број, а ние ќе се потрудиме да им приредиме добар фудбал,“ изјави голманот на Работнички, Васко Василев.
Пред овој натпревар, од 15:30 часот во Тетово Шкендија го пречекува тимот на Тиквеш.