Еден гол доволен за шампионот, Шкендија ја продолжи потерата по водечкото трио (ВИДЕО)

Актуелниот шампион на Македонија, Шкендија ја оствари четвртата победа во сезоната откако попладнево на домашен терен го совлада Тиквеш со 1-0.

Тетовци не одиграа на своето ниво, во голем дел од мечот се мачеа да воспостават иницијатива во однос на гостинот, но на крајот успеаја да ги освојат бодовите. Со нив ја продолжија потерата на водечкото трио Струга, Вардар, Силекс зад кое заостанува бод, односно два.

Кавадарчани беа свесни дека мораат да играат отворено затоа што им е потребна победа. Шкендија поведе по својата прва посериозна акција, во 36. минута, по левата страна проби Латифи кој нафрли на втората статива каде чекаше Спахиу и со својот втор гол сезонава донесе водство и победа за Шкендија.

Стојанов во 69. минута можеше да го израмни резултатот, имаше стопроцентна шанса, но промаши од 3-4 метри, а девет минути подоцна и Садик пропушти можност за израмнување. Пред крајот и Шкендија можеше да се избори за поубедлива предност, ама сепак се бројат само бодовите.