
Вардар оди по три бода кај незгодниот Арсими, Работнички е домаќин на Пелистер!
Вардар со нови три бода ќе се израмни на врвот со Струга, но нема да биде лесно да се дојде до нив. Арсими во минатото коло му донесе тежок пораз на Пелистер среде Битола, па фудбалерите на овој тим со голема самодоверба ќе ги пречекаат вардарци.
„Денеска нема да биде лесно. А каде е лесно? Секогаш кога гостува Вардар, противникот е максимално мотивиран и сака да освои бодови. Тоа не е случајно. Вардар е инспирација за секого, но најмногу за нас, оние кои го носиме неговиот дрес. Секако дека единствена опција е победа и три бода. До нив ќе стигнеме исклучиво со пристап на највисоко ниво, 100% влегување во мечот од првата минута и концентрација до последниот свиреж. Сигурен сум дека противникот би ја искористил секоја наша грешка доколку му ја дозволиме. Против Македонија Ѓ.П. во изминатото коло на домашен терен одигравме тежок меч, а овој ќе биде уште потежок. Арсими има добар старт на шампионатот. Но, ние сме Вардар, а самото тоа кажува многу за нас“, вели голманот на Вардар, Давор Талески.
Од Арсими не кријат дека победата во Битола ја зголемила самодовербата на фудбалерите на овој тим.
„Победата во Битола ни даде голем морал, но знаеме дека ништо не е завршено. Вардар е противник кој секогаш бара максимална концентрација. Ние мора да бидеме уште подобри ако сакаме да ја израдуваме домашната публика. Ова е момент кога мораме да покажеме дека победата во Битола не беше случајна. Имаме квалитет и веруваме дека со помош на нашите навивачи ќе ја оствариме целта“, изјави капитенот и голман на Арсими, Вулнет Ислами.
Пелистер на гостински терен кај Работнички сака да покаже дека поразот од Арсими беше само еден лош ден.
„Не очекува тежок и неизвесен натпревар против Работнички. Иако нивната позиција на табелата не го покажува вистинскиот квалитет, знаеме дека не чека сериозен предизвик. Ние сме подготвени и физички и психички, веруваме во нашите способности и ќе дадеме сè од себе. Време е да покажеме борбеност и тимски дух и да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави фудбалерот на битолчани, Христијан Гроздановски.
По лошиот старт на сезоната, Работнички мора да собира бодови, а дуелот со Пелистер е еден од оние каде мора да се оди на победа.
„Не го започнавме првенството како што посакувавме, но тоа што е зад нас не може да се врати. Затоа сме максимално фокусирани на денешниот натпревар со Пелистер и ќе сториме сѐ да стигнеме до првата победа. Го респектираме Пелистер, тие се квалитетен тим, но едноставно ние немаме друг избор туку да се бориме за целиот плен. Веруваме во нашите квалитети, треба да ги исполниме задачите на стручниот штаб и да го надиграме Пелистер. Нема да биде лесно, но ако дадеме максимум од можностите, тогаш и нема нешто што е неостварливо. Одиме да освоиме три бода“, најавува крилниот напаѓач на Работнички, Флоријан Кадриу.
Двата натпревари почнуваат од 15:30 часот.