Халанд објави бизарна снимка наместо прослава на рекордот во ЛШ (ВИДЕО)

Ерлинг Халанд со голот во победата на Манчестер Сити против Наполи (2-0) стана нов рекордер во Лигата на шампионите, откако стигна до 50 погодоци во само 49 настапи во елитното натпреварување, што е најбрзо во историјата.

Досегашниот рекорд го држеше Руд ван Нистелрој, кому му беа потребни 62 меча за истиот учинок. Халанд, кој летото 2022 година пристигна во Сити од Борусија Дортмунд за 60 милиони евра, досега за клубот има одиграно 151 натпревар со учинок од 130 гола и 21 асистенција. Само оваа сезона, во дресот на Сити и норвешката репрезентација, постигна 12 погодоци на седум настапи. Неговата сегашна пазарна вредност, според „Трансфермаркт“, се проценува на 180 милиони евра.

Интересен момент следеше по рекордниот меч – Халанд наместо со славје, вечерта ја заврши со ледена бања за рехабилитација.

„Знаете, понекогаш во животот мораш да правиш нешта кои навистина не ги сакаш. Сега, една од последните работи што сакам е да влезам во ледена бања... но ќе го сторам тоа“, изјави напаѓачот и го исполни ветувањето пред своите следбеници.

НАЈМАЛКУ ПОТРЕБНИ НАТПРЕВАРИ ЗА 50 ГОЛА ВО ЛШ

49: Ерлинг Халанд

62: Руд ван Нистелрој

66: Лионел Меси

77: Роберт Левандовски

79: Килијан Мбапе

88: Карим Бензема

91: Кристијано Роналдо

97: Раул Гонзалес

103: Тјери Анри

130: Томас Милер