
Митревски: Треба да играме својата игра против ПСЖ, па што биде - нека биде!
ПСЖ ќе биде голем фаворит во мечот против македонскиот шампион, а Митревски смета дека тие треба да ја играат својата игра, без разлика на конечниот исход.
„Било каков и да е ПСЖ се работи за гигантот во спортот и во ракометот. Можеби имаат и најголем буџет во Лигата на шампионите оваа сезона. Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика. Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психичкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастеретени на гостински терен во Париз. Било која победа или бод освоен во гости добро ќе ни дојде. Не треба уште сега да правиме калкулации, туку да мислиме натпревар по натпревар. Треба да ја играме својата игра, па што биде - нека биде“, кажа Митревски.
Натпреварот меѓу ПСЖ и Пелистер се игра на 18 септември од 20.45 часот.