Пелистер првпат оваа сезона ќе игра во Битола!

Денеска на програмата се последните два меча од петтото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Пелистер во Битола го пречекува Арсими, а Струга крај Охридското езеро е домаќин на Тиквеш.

Иако е веќе петто коло, Пелистер за првпат вистински ќе игра на својот терен. Во изминатите четири кола битолчани дури трипат беа гости, а единствениот натпревар на кој беа домаќини, го играа во Кавадарци затоа што теренот во Битола се чуваше за мечот со Италија.

Во меѓувреме одиграа и меч од Купот на Македонија, но и на тој дуел беа гости. Конечно дојде денот да одиграат домашен натпревар во Битола.

Мечот ќе се игра под рефлектори со почеток од 19 часот.

„Ова ни е прв натпревар на домашен терен во новата сезона, а дополнителен мотив е вечерниот термин. Арсими е добар тим и сака да се надигрува, но ние очекуваме поддршка од нашите навивачи и полн стадион кој ќе заблеска по неодамнешните инвестиции. За битолската публика сѐ освен три бода ќе биде неуспех, а истото го прифаќаме и ние како играчи. Ветуваме дека ќе го дадеме максимумот, ќе го оставиме срцето на терен и ќе ги освоиме трите бода,“ вели фудбалерот Александар Ристевски.

Тренерот Димитар Капинковски е претпазлив, има почит за Арсими, но се надева дека со поддршка од публиката бодовите ќе останат во Битола.

„Арсими е нов прволигаш кој се засили со искусни играчи со значајно искуство во нашиот фудбал. Поминаа веќе четири кола и веќе имаме јасна слика дека тоа е тим што заслужува респект – сакаат да се надигруваат и играат допадлив фудбал. Имаат тесни резултати, две нерешени средби и минимални порази од Силекс и Струга, поради што не смеат да се потценат. Сакаат да играат отворен фудбал, но ние ќе се фокусираме на нашата игра. Првпат сезонава ќе играме во Битола пред домашната публика и се надеваме на добра посетеност, силна поддршка и да ги задоволиме вкусовите и очекувањата за еден квалитетен натпревар,“ смета Капинковски.

Фудбалерот на Арсими, Леонид Игњатов вели дека во Битола одат по позитивен резултат.

„Не очекува тежок натпревар против Пелистер. Тоа е екипа со квалитет и силна поддршка од трибините, особено кога игра дома. Имаме голема почит кон нив, но во исто време сме подготвени да се надигруваме и да покажеме што знаеме.Во текот на паузата работевме напорно и веруваме во нашите сили. Целта ни е да одиграме максимално посветено, да ја контролираме играта и да стигнеме до позитивен резултат. Ќе дадеме сè од себе за да ги израдуваме нашите навивачи“, рече Игњатов.

Денот ќе започне со натпреварот меѓу Струга и Тиквеш кој стартува од 15:30 часот.

ПМФЛ 5. коло:

Петок
Шкендија – Башкими 2-1
Вардар – Македонија ЃП 1-0
Сабота
Брера – Шкупи 1-0
Силекс – Работнички 3-1
Недела
Струга – Тиквеш 15:30
Пелистер – Арсими 19:00