Непоразените Германија и Турција во борба за европската круна

По 17-дневна борба, вечерва од 20 часот во Рига се игра големото финале на Европското кошаркарско првенство во кое за титулата ќе се борат Турција и Германија.

Бранителот на трофејот Шпанија испадна уште во групната фаза по што стана јасно дека Европа ќе добие нов владетел, но вечерва ќе биде јасно дали Германија ќе ја освои својот втор или Турција ќе стигне до првиот во историјата. Двете селекции апсолутно заслужено стигнаа до финалето бидејќи се единствените без пораз на првенството, но само една од нив ќе дојде до титулата несовладана.

Со евентуален триумф, Германија ќе ги обедини светската и европската титула што во историјата им успеало само на СССР, Југославија и Шпанија, а со тоа и ќе ја потврди доминацијата на најсилната генерација во својата историја. Оваа репрезентација има една титула, освоена во 1993 година кога во финалето на домашен терен ја совлада Русија.

Селекцијата на Турција нема трофеј на големите натпреварувања, а најголемиот успех на континенталните собири е среброто од 2001 година исто така на домашен терен. Според многумина, оваа генерација на турската репрезентација е најсилна во историјата, а првпат последните години е комплетна и заедно со можеби најдобриот тренер на денешнината Ергин Атаман, ќе се обиде да се искачи на кошаркарскиот Олимп.

За третото место на првенството, од 16 часот ќе играат Грција и Финска. Грците не освоиле медал од 2009 година, а Финците се борат за својот прв, воопшто во историјата.