
Пукна бомбата во Рига, ама кошаркарска: Финска ги испрати Србите дома!
„Орлите“ беа прогласани за шампиони уште пред да почне континенталното натпреварување, но не останаа имуни на сите проблеми кои им се случуија, особено со повредата на Богдан Богдановиќ кој мораше да си замине дома уште во групната фаза. Криза во играта се забележа во дуелот со Турција во последното коло од групната фаза, а се кулминираше вечерва со шокантниот пораз.
Тоа не значи дека победата на Финска е незаслужена, напротив, скандинавците водеа во најголемиот дел од натпреварот, а не се исплашија од големиот противник ни кога Србија влезе во ритам во финишот од мечот и со шест поени по ред од негатива од 71-75, отиде на 77-75. Сите што се појавија на теренот одиграа максимално квалитетно и тоа резултираше со голем триумф.
Србија на ова првенство беше со само еден играч на ниво - Никола Јокиќ. И вечерва тој беше најдобар, постигна 33 поени и 8 скока, а единствен кој колку-толку му помогна беше Никола Јовиќ кој постигна 20 поени. Најдобра илустрација за очајната игра на другите играчи беа Петрушев и Гудуриќ кои во категоријата +/- имаа -15, односно -14.
Лаури Марканен со 29 поени и и 8 скока ја предводеше финската репрезентација која во четвртфиналето ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Франција и Грузија.