И навивачите на четвртолигашот Гримсби стигнаа да го понижуваат Манчестер јунајтед

Екипата на Манчестер е далеку од своите најдобри денови, а ако „денот по утрото се познава“ и сезонава маките на фановите на „црвените ѓаволи“ ќе продолжат.

Избраниците на Рубен Аморим на половина час пред крајот имаат 2-0 негатива против Гримсби, екипа која се натпреварува во Лига 2 што е четврто по ранг натпреварување во англискиот фудбал.

На сето тоа домаќините имаа прилики и за поголемо водство. Во таква ситуација, понижување за гигантот стигна и од трибините. Имено, фановите на стадионот од трибините скандираа „може ли со вас да играме секоја недела“.

Нема дилеми, дека ако не се случи некој пресврт во крајот ова ќе биде пораз кој може сериозно да го затресе столчето на Рубен Аморим, посебно затоа што тимот по две кола нема победа и во Премиер лигата.