Бојан Марковски - прв тренер во историјата што добил отказ по победа од 16-0

Поранешниот шампион на Македонија, Работнички ќе бара нов тренер откако денеска ја прекина соработката со досегашниот шеф на стручниот штаб Бојан Марковски.

Интересно е тоа што 42-годишниот стручњак си заминува само два дена по историската победа од 16-0 против Карбинци во првото коло од Купот на Македонија, против Карбинци. Со тоа Марковски стана прв тренер во историјата што добил отказ по толку убедлив триумф.

„ФК Работнички ја информира јавноста дека спогодбено го раскина договорот со шефот на стручниот штаб Бојан Маркоски. Клубот му посакува сѐ најдобро во следните предизвици“, стои во соопштението на клубот од Дебар Маало.

Марковски беше на тренерската позиција неполни три месеци откако во јуни годинава клубот го назначи за наследник на дотогашниот шеф Горан Станиќ. Под негово водство, Работнички доживеа убедлива елиминација во квалификациите за Конференциската лига од Торпедо Жодино од Белорусија со вкупни 0-4, а во домашното првенство се уште нема постигнат гол по три одиграни кола и со еден бод е во долниот дел од табелата.

Раководството на Работнички ќе мора брзо да реагира во потрагата по нов тренер бидејќи веќе в недела екипата ја очекува тежок дуел во Првата лига, против шампионот Шкендија на домашен терен.