Машката сениорска репрезентација во изменет состав предводена од селекторот Јошко Миленкоски денеска ги почна подготовките за Европската лига во Крушево.

На првата прозивка на Миленкоски се појавија 18 одбојкари и најголем дел од нив за првпат се дел од националниот тим. Интернационалците: Никола Ѓоргиев, Владо Милев, Александар Љафтов, Филип Савовски и Филип Маџунков, како и Стојче Арсов ќе се приклучат на 13 мај во Скопје.

Миленкоски традиционално со ручек и работен состанок ги поздрави сите одбојкари кои му се ставија на располагање.

„Почнуваме една седмица порано од предвиденото, со подмладен состав, што е пракса во Европа и во светот во овој период од подготовките со оглед на тоа дека голем дел од играчите со статус на ‘интернационалци’ и натаму имаат клупски обврски. Тоа што сме со редуциран број на искусни играчи дава шанса помладите одбојкари кои се на поширок список да добијат повеќе простор и внимание. Пораниот старт на подготовките има за цел одбојкарите кои имаа подолга пауза да бидат на идентично ниво со оние кои ќе ни се приклучат на 13. мај, а се во полна натпреварувачка форма. Така ќе можеме директно да продолжиме со техничко-тактичка подготовка и да темпираме форма прво за пријателските натпревари со Црна Гора на крајот на мај, а потоа и за Европската лига“, објаснува селекторот Јошко Миленкоски и продолжува: „Овие подготовки имаат и една друга цел, да ги видиме моменталните квалитети, предиспозиции и перспектива, и да тестираме поголем дел на млади одбојкари, кои се дел од кадетската и младинската селекција. Отсуството на поискусните во моментов го користиме за да пробаме дел од младинските репрезентативци, кои во август ќе бидат дел од У20 селекцијата која ќе игра зонски квалификации за ЕП во нивната возрасна категорија. Ова е шанса да ги видиме можностите за да имаме јасна слика и на што може да сметаме во иднина. Имаме добар план и на добар пат сме и со сениорите да стигнеме до едно добро ниво, но и младинската селекција да добие добра база. Истовремено ќе видат младите какви се методите на работа во сениорската репрезентација од која се надеваме дека во блиска иднина ќе бидат дел“, изјави Миленкоски.

Селекторот истакна и дека оваа година Европската лига се сфаќа сериозно, а не како подготовка за некое друго натпреварување.

„Европската лига ја сфаќаме сериозно, како прв дел од циклусот за следното Европско првенство во 2028 година, а истиот пристап несомнено ќе го имаат и другите репрезентации. Европската лига нема да биде само тест или подготовка за некое друго натпреварување, туку сега многу посериозно ќе гледаат сите кон неа и ќе биде многу поквалитетна, но таа носи и голема задача – пласман на ЕП 2028. Противниците на турнирите се познати и имате ривали како Холандија, Израел и Грција, чии квалитет ни е добро познат и ќе се обидеме да извлечеме што подобар резултат во дуелите со нив. Од друга страна оптимисти сме дека против Исланд, Косово и Луксембург може да запишеме победи, со оглед на тоа дека важиме за фаворите во натпреварите со нив“, објаснува селекторот.

Во првата недела повеќе внимание ќе се посвети на физичката форма на репрезентативците.

„Планот за Крушево е да се посвети што повеќе внимание на физичката подготовка. Ќе го искористиме присуството на Петар Баснарков кој првпат е во стручниот штаб на репрезентацијата и со неговата квалитетна работа очекувам многу да и помогне на екипата, особено во подигнување на формата на одбојкарите. Покрај физичка подготовка, ќе работиме и на основна техника, и да видиме како ќе се вклопат помладите во тимот. Тактичниот дел ќе го оставиме за во Скопје кога ќе се комплетираме со интернационалците“, завршува Миленкоски.