
Само една „ситница“ го дели Донарума од потписот со Манчестер Сити!
„Граѓаните“ се подготвени да ја платат бараната отштета од 35 до 40 милиони евра, а договорот за неговата плата веќе е усогласен и се очекува да биде рекорден за играч на таа позиција. Сепак, трансферот засега е стопиран од една „ситница“ – иднината на актуелниот голман, Едерсон. Сити мора да го продаде или да го испрати на позајмица до понеделник, кога завршува преодниот рок во Европа, за да може да се реализира доаѓањето на Донарума.
Пеп Гвардиола инсистира на вакво решение бидејќи клубот веќе вложи речиси 40 милиони евра за Џејмс Трафорд, кој летово пристигна од Барнли. Иако англискиот голман започна како стартер оваа сезона, неговите настапи не беа убедливи, особено против Тотнем во саботата (0-2). Сепак, стратегот на Сити не сака да има тројца скапо платени голмани во составот.
За Едерсон веќе има интерес од клубови во Италија и Бразил. Доколку неговото заминување биде договорено, трансферот на Донарума од ПСЖ во Манчестер Сити ќе биде завршен во најкус можен рок.