
Мбапе во голгетерска форма, втор триумф на Реал (ВИДЕО)
Долго време „кралевите“ имаа минимално водство, но повратникот во Ла Лига не го издржа финишот од мечот и во последните десетина минути прими два гола. Играч на мечот беше Килијан Мбапе кој постигна два гола и со вкупно три е на делба на првото место на листата на стрелците во шпанското првенство.
Французинот го отвори резултатот во 37. минута кога Чуамени одзеде една топка на средината на теренот, таа дојде до Ѓулер кој го проигра Мбапе, а овој прво одлично се ослободи од својот чувар и потоа ја затресе мрежата на Овиедо. Реал доминираше и во натамошниот дел од мечот, но точка на натпреварот стави во самиот финиш. Во главна улога беше Винисиус кој прво му асистираше на Мбапе за 2-0, а потоа, во судиското продолжение го постави конечниот резултат.
По две кола, Реал има максимален ефект, но најпозитивно за мадридскиот тим е тоа што на стартот има релативно лесни противници против кои ќе се обиде да го задржи чекорот со Барселона додека не влезе во посакуваната форма имајќи предвид дека доцна ги почна подготовките поради учеството на Светското клупско првенство.