Шкупи тоне ли тоне, чаирчани не знаат каде и дали ќе играат со Силекс!

Шкупи во недела од 17 часот треба да биде домаќин на Силекс во меч од второто коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), но чаирскиот тим нема стадион кој ги исполнува условите пропишани од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Пред почетокот на сезоната ФФМ го информираше Шкупи дека не може да биде домаќин во Чаир бидејќи не ги исполниле обврските кои им биле зададени со цел стадионот да има услови за користење на ВАР технологија.

Шкупи првото коло го играше на гостински терен, некако скрпи тим, со само четворица на клупата од кои двајца голмани го одигра мечот со Шкендија, но неизвесно е како понатаму.

Новиот проблем со кој се соочува клубот е каде да му бидат домаќини на Силекс. Башкими се обиде да им излезе во пресрет им понуди да играат на нивниот стадион во Куманово, но не добија дозвола од ФФМ. 

До мечот со Силекс има уште два дена, Шкупи е во потрага по соодветен стадион каде да го одигра натпреварот, ако не успее да најде ќе биде во сериозен проблем. Тоа веројатно ќе значи почеток на крајот за чаирскиот клуб кој доаѓа се поблиску до исфрлање од ПМФЛ и преселување во најнизок ранг на натпреварување.