Флорентино Перез уште еднаш ги изигра правилата на Ла Лига

Реал Мадрид вчера го претстави своето ново засилување, еден од најталентираните аргентински фудбалер Франко Мастантуоно.

Станува збор за играч кој вчера наполни 18 години, но Реал за него плати 45 милиони евра при што во договорот се предвидени бонуси кои можат да ја кренат оваа сума до 63 милиони. Со трансферот на Мастантуоно, Реал летово стигна до 167 милиони евра за нови фудбалери, додека од продажба заработи само два милиона, од трансферот на Алваро Родригез во Елче.

Сепак, Флорентино Перез и неговата администрација смислија план како да ги изиграат правилата на Ла Лига во врска со финансискиот ферплеј. Мастантуоно е регистриран како член на вториот тим, Реал Кастиља поради што ќе настапува со бројот 30 (првотимците носат броеви од 1 до 25) и неговата плата, на хартија, нема да го оптовари буџетот на Реал, а со тоа и нема да доведе до проблеми со ФФП. Јасно е дека младиот Аргентинец нема да игра, ниту ќе тренира со третолигашот, но никој во Ла Лига, вклучувајќи го претседателот Хавиер Тебас, не прашува како ќе се финансира неговата плата.

Ова не е првпат Перез да смислува вакви начини за да го изигра финансискиот ферплеј. Фудбалерите на Реал, главно, играат за помали плати во однос на европските гиганти, но во нивните договори се предвидени високи бонуси за достигнувања кои лесно се реализираат, како број на настапи, постигнати голови и слично. Таков е случајот и со Килијан Мбапе кој е далеку од најплатените фудбалери во Европа, дојде бесплатно од ПСЖ, но во неговиот договор се предвидени еден куп бонуси кои потоа му овозможуваат баснословни суми.