В недела сите во „Борис“ - одбојкарите бркаат спектакуларна победа против Грузија!

Македонската машка одбојкарска репрезентација в недела во Скопје ќе мора да оствари што е можно поубедлива победа над Грузија за да обезбеди место на ЕП 2026.

Билетот за континенталниот собир е условен – само триумф со што поголема разлика во сетовите ќе остави шанси за пласман меѓу петте најдоброрангирани второпласирани селекции кои, заедно со седумте победници на групите, се квалификуваат за следниот континентален собир. Македонија со вчерашниот максимален пораз на гости против Грција (0-3) го пропушти директниот пат до ЕП и сега ќе мора да се потпира на поен-количникот за да ги надмине конкуренти како Австрија и Норвешка. Клучно е во последниот дуел со Грузија да се избегне губење на поени во сетовите и да се запише победа од 3-0.

Селекторот Јошко Миленкоски и неговите избраници повикуваат на што е можно поголема поддршка од трибините на СЦ „Борис Трајковски“, каде натпреварот почнува во 20 часот со – бесплатен влез.