Партизан пред елиминација, Хајдук со пресврт до победа (ВИДЕО)

Екипата на Партизан ќе има тешка задача во реваншот против Хибернијанс да надополни два гола разлика, а сплитски Хајдук со пресврт дојде до минимална победа против Динамо Сити од Тирана. 

Вечерва на домашен терен, белградските „црно-бели“ загубија со 0-2 и само чудо може да ги однесе во плејофот за пласман во Конференциската лига. Партизн не играше толку лошо како што покажува резултатот, но среќата целосно му го сврте грбот.

Во 33. минута домаќините имаа голема шанса за гол, но не ја искористија, а веќе во следниот напад Ѓурѓевиќ направи фаул по кој судијата му додели втор жолт и автоматски црвен картон. Само пет минути подоцна Хибернијанс дојде во водство преку Бојл. Во 70. минута, шкотскиот тим доби сомнителен пенал по кој повторно Бојл ја затресе мрежата на Партизан и го постави конечниот резултат.

За разлика од Партизан, екипата на Хајдук оствари победи од 2-1 во првиот дуел од двомечот со Динамо Тирана.

Албанскиот тим имаше водство по првите 45 минути благодарение на евроголот на Брегу од 25 метри, но во вториот дел дојде до пресврт, на задоволство на домашните навивачи. Најпрвин израмни Дурдов, а потоа погоди и Бамба за исклучително важен триумф на сплитскиот тим пред реваншот наредниот четврток во Тирана.