Рамадани и Бејтулаи имаа два гола предност, ама загубија од ФЦСБ (ВИДЕО)

Некогашниот европски шампион ФЦСБ се спаси од нова бламажа по минатонеделната елиминација од квалификациите за Лигата на шампионите од Шкендија.

На домашен терен, романскиот тим ја победи Дрита од Косово со 3-2 и покрај тоа што по две третини од мечот резултатот беше 2-0 за гостинската екипа. Туша во седмата и Манај во 50. минута го донесоа косовскиот претставник до убедливо водство, но сето тоа падна во вода во последниот половина час.

Бирлигеа намали, Граовац израмни, а повторно Бирлигеа со гол од пенал во 94. минута му донесе победа на ФЦСБ кој, сепак, ќе има тешка задача идната недела да ја одбрани својата предност.

Сите 90 минути од мечот ги одигра македонскиот репрезентативец Егзон Бејтулаи, а тренер на Дрита е поранешниот член на нашиот национален тим Зекирија Рамадани.