Турнирот во Струга со шест екипи - првпат по подолго време без Вардар и без Пелистер!

Организаторот на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир Струга денеска ги објави учесниците на манифестацијата која ќе се одржи од 13 до 16 август на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“.

Турнирот ќе го забележи своето 53. издание, а по подолго време, на него нема да учествуваат најдобрите македонски екипи Вардар и Пелистер кои со по 14 трофеи се и најуспешни во Струга. Битолчани нема да ја бранат титулата освоена лани кога во финалето ги совладаа „црвено-црните“ со 29-26.

Годинава, како и лани, ќе настапат шест екипи, поделени во две групи. Во првата се наоѓа домаќинот Струга, амбициозниот Охрид и гостинот од Турција, Бурса. Во втората група се македонските суперлигаши Бутел и Тиквеш, како и српскиот Раднички Крагуевац.

фото: Меѓународен ракометен турнир Струга/FB