
Кошаркарите полека се комплетираат – денеска се приклучи и џинот Симиќ!
Со неговото доаѓање се решава еден од клучните недостатоци – висината во ростерот, со оглед што тој со 214 сантиметри е убедливо највисок во националниот тим. Тој денеска му се стави на располагање на селекторот Марајан Илиевски, што е дополнително комплетирање по вчерашното приклучување на Адем Мекиќ, со што репрезентацијата влегува во поинтензивна фаза од подготовките за претстојните претквалификации.
„Нема да имам потреба за адаптација на овие услови за работа овде во Гевгелија. Пред нас е оној најважен дел до подготовките во кој треба максимален ангажман од сите. Репрезентацијата изгледа помлада, што значи дека нашите обврски кон националниот тим се уште поголеми. Добро се познаваме, што треба да ни ја олесни задачата во оној тактички дел од подготовките. Останува добро да се подготвиме во деновите кои се пред нас и да се обидеме да дојдеме до што е поголем број на победи во претквалификациите. Овде ќе имаме и две контроли, на кои ќе видиме што и како треба до оние мечеви со Романија и со Унгарија’ – изјави Симиќ.
Репрезентацијата следниот викенд ќе одигра и две контролни средби против Швајцарија, како подготовка за натпреварите од претквалификациите за СП 2027. Македонскиот национален тим се очекува да биде целосен следната недела со пристигнувањето на Џејкоб Вајли и Андреј Јакимовски. Првиот натпревар од претквалификациите нашите кошаркари ќе го одиграат на 2 август во Куманово против селекцијата на Романија.