Рашфорд пристигна во Барселона, утре на лекарски прегледи

Англискиот репрезентативец Маркус Рашфорд вечерва допатува во Барселона каде во следните две дена треба да ги помине сите формалности пред да стане нов играч на шпанскиот првак.

Напаѓачот доаѓа од Манчестер Јунајтед и претстојната сезона ќе настапува како позајмен играч со тоа што „каталонците“ целосно ќе ја преземат неговата плата. Воедно, ќе имаат опција идното лето да го откупат неговиот договор за 30 милиони евра.

Според планото, Рашфорд утре треба да ги помине лекарските прегледи, а во вторник официјално да биде претставен како нов играч на Барса. Каталонскиот тим ќе биде трет во кариерата на 27-годишниот фудбалер, по Манчестер Јунајтед каде дебитираше пред точно една деценија и Астон Вила каде играше како позајмен во вториот дел од минатата сезона.