Сензација во Истанбул: Фенербахче се договори со двајца фудбалери на ПСЖ!

Турскиот гигант Фенербахче се наоѓа пред сеознационално двојно засилување од редовите на ПСЖ, откако медиумите јавуваат дека Марко Асенсио и Милан Шкрињар се блиску до премин во редовите на клубот од Истанбул.

Шпанецот, кој не се наметна кај тренерот Луис Енрике, е првиот кој треба да се приклучи на тимот на Жозе Мурињо. Тој ќе биде откупен за десет милиони евра, а неговата годишна плата ќе достигне девет милиони евра. Во пролетниот дел од минатата сезона, Асенсио настапуваше како позајмен играч во Астон Вила, каде одигра 13 натпревари и постигна три погодоци.

Покрај него, Фенер планира да го врати и словачкиот дефанзивец, кој претходно беше дел од тимот како позајмен фудбалер, а по одличните настапи, клубот одлучи да го донесе на постојана основа. Очекувањата се Шкрињар да потпише четиригодишен договор, вреден 7,5 милиони евра по сезона.

Се уште не е познато за колку пари ПСЖ ќе го пушти дефанзивецот, но турските медиуми најавуваат дека преговорите се во завршна фаза и потписите се очекуваат наскоро.