Австриецот кој го пцуеше Алиоски потпиша за Ц. Звезда – доби астрономска плата!

Австрискиот репрезентативец, Марко Арнаутовиќ, кој пред четири години го пцуеше на етничка основа нашиот Езџан Алиоски за време на натпреварот помеѓу Австрија и Македонија на ЕП 2020, е пред официјално претставување како нов фудбалер на белградска Црвена звезда.

Искусниот напаѓач по неколку месеци интензивни разговори постигна договор со српскиот шампион, исполнувајќи си го детскиот сон да заигра на „Маракана“. Неговата официјална промоција пред навивачите ќе се случи утре, за време на дуелот против Јавор, а целосната презентација е закажана за во понеделник. Арнаутовиќ со ова станува најплатен фудбалер во историјата на српската Суперлига, со оглед што ќе заработува 2,5 милиони евра по сезона – вкупно пет милиони евра нето за двегодишниот договор.

Раководството на Звезда е и во завршна фаза од преговорите со капитенот на српската репрезентација, Душан Тадиќ, кој би требало да има слична плата како и Австриецот со српско потекло.