„Aко младите се угледаат на Миркуловски - Македонија ќе има ракометна иднина!“

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Александар Стефанов, не го криеше задоволството од назначувањето на легендарниот Филип Миркуловски за нов координатор на машките репрезентации во сите категории.

Тој смета дека ако помладите се угледаат не него, тогаш ќе „нема зима“ за ракометниот спорт во нашата држава.

„Чест и и задоволство е да се има човек како Миркуловски во својот тим. Тој е поранешен репрезентативец со над 150 настапи, кој со своето искуство и знаење, собрани како ракометар, капитен и тренер во Вецлар може и тоа како да придонесе. Од него очекуваме да го пренесе своето знаење на тие што допрва доаѓаат. Дај боже да излезат уште бројни ракометари кои ќе се угледаат на него, така Македонија ќе има ракометна иднина“, изјави првиот човек на РФМ.

Миркуловски играчката кариера ја почна во Металург, каде што мина најголем дел од неа, по што седум години беше дел од тимот на Вецлар, каде што потоа продолжи како помошник, а нешто подоцна и како прв тренер.