Вардар потпиша уште еден договор со „Новоматик“ вреден - милион евра!

Најтројфениот македонски фудбалски клуб Вардар го продолжи договорот со генералниот спонзор „Новоматик Македонија“ на уште една година, кој исто како и претходниот е вреден милион евра.

Продолжувањето на договорот беше потврдено на денешната прес-конференција на која присуствуваа членови на менаџментот на „Новоматик Македонија“, како и на Вардар, но и капитенот Горан Закариќ.

„Денеска, заедно со капитенот на ФК Вардар, Горан Закариќ, објавуваме дека спортската бајка продолжува! Во наредната година Новоматик Македонија и ФК Вардар го продолжуваат договорот за генерално спонзорство во вкупна вредност од дополнителни 1 милион евра. Наша заедничка цел останува да придонесеме за македонскиот спорт преку поддршка на клубот кој е симбол на силен спортски колектив кој ќе биде предводник на новата ера успех во македонскиот спорт“, изјави претставникот на менаџментот на „Новоматик Македонија“, Петар Пенчев.

Закариќ ја поздрави одлуката за продолжување на соработката со „Новоматик Македонија“ и посочи дека многу е важна нивната поддршка.

„Младите секогаш гледаат пример во професионалните спортисти и се идентификуваат со нивните индивидуални и колективни спортски успеси. Затоа, секоја компанија која инвестира во спортот, всушност инвестира во здрава и просперитетна младина. Импресивни се заложбите на Новоматик Македонија да го поддржи плановите на спортскиот колектив и актуелниот клубски менаџмент за обнова на спортското реноме на ФК Вардар. Како капитен сакам да ја изразам нашата благодарност што фудбалерите продолжуваат да го даваат својот максимум за да ги оправдаат очекувањата“, кажа Закариќ.

Вардар минатата сезона го освои Купот на Македонија и избори пласман во квалификациите за Конференциската лига каде што игра против Ла Фиорита.