Ферстапен се откажа: Се надевам дека сите ќе сфатат дека немам шанси за титулата

Актуелниот светски шампион во Формула 1, Макс Ферстапен имаше кошмарно издание на трката за Големата награда на Австрија откако се судри со Кими Антонели и не успеа да стигне до целта.

За разлика од поранешните вакви случаи, сега тој беше прилично мирен и не влезе во конфликт со возачот на Мерцедес поради што уште повеќе се засилија шпекулациите за негова можна преселба во германскиот тим. Освен тоа, Ферстапен дефинитивно се откажа од шампионската титула, на половина од сезоната во Формула 1.

„Ние секогаш се бориме максимално, но понекогаш треба да се прифати дека не може постојано да се победува. Се надевам дека по оваа трка сите ќе сфатат дека немам шанси за титулата и ќе престанат да зборуваат за тоа“, изјави Ферстапен.

По 11 трки од првенството во Формула 1, холандскиот возач се наоѓа на третата поизиија во генералниот пласман со 61 бод помалку од лидерот Оскар Пјастри. До крајот на сезоната има уште 13 трки, но поразително делува фактот дека Ферстапен досега оствари само две победи и тоа во Јапонија и Италија.