Одбојкарките почнаа со освоен сет, но потоа потклекнаа во дуелот со Грузија!

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија го претрпе и четвртиот пораз во Сребрената европска лига, откако вечерва загуби на домашен терен од селекцијата на Грузија (25-20, 21-25, 23-25, 22-25), во меч од шестото коло по кое нашите девојки имаат скор 2-4.

Избраничките на селекторот Павлица Пауновиќ одлично го отворија натпреварот и го добија првиот сет, но не успеаја да го одржат ритамот. И покрај борбената игра и достигнување над 20 поени во секој од следните три сета, Грузијките беа поцврсти во клучните моменти и го однесоа триумфот. Во редовите на гостинскиот тим се истакна Ан Каландадзе со 25 поени, додека кај македонскиот состав најпрецизни беа капитенката Тамара Стојанова и Ана Фасулева, кои постигнаа по 17 поени.

Македонската репрезентација сега ќе се насочи кон подготовките за квалификациите за Европското првенство, кои се закажани за август, кога ќе се соочи со селекциите на Грција и Австрија.