
Собирал отпад по улица, се капел во кофа, а сега почна да игра за - Бразил!
Младиот фудбалер беше стартер во овој квалификациски натпревар и се истакна како еден од клучните играчи. Настапи и во натпреварот против Еквадор, кој заврши без голови. За своето деби, тој изјави дека тоа било „остварување на сонот“ и посебно го истакна значењето што дебито се случило на домашен терен и во победнички натпревар. Александро за првпат привлече внимание лани во октомври, кога како фудбалер на Лил настапи во Лигата на шампионите против Реал Мадрид. Тогашниот тренер на „кралскиот клуб“, Карло Анчелоти, го забележал неговиот талент, а Лил изненадувачки го совлада Реал со 1-0.
Неговиот пат кон успехот не бил лесен. Поранешен член на младинскиот тим на Фламенго, Александро не добил професионален договор и бил принуден сам да се снаоѓа. Периодот по одбивањето бил тежок – живеел во сиромаштија, собирал отпад и работел како уличен продавач.
„Речиси година ипол бев без клуб. Никој во Бразил не ми даде шанса, па отпатував да играм во третата лига во Португалија“, раскажува Александро, додавајќи дека неговата истрајност конечно го донела до успех.
Неговото детство било исполнето со предизвици. Израснал во фавелите во Рио де Жанеиро со самохрана мајка. За да преживеат, собирале пластика и метал, а тој никогаш не изоставил тренинг – и тренирал и работел паралелно.
„Во нашата куќа немаше туш. Се капевме со кофи вода. Не се откажав од фудбалот зашто сакав да ѝ помогнам на мојата фамилија“, изјави тој во едно претходно интервју.
Александро се приклучи на Лил во сезоната 2022/23, а оваа сезона постигна еден гол. Клубот ја заврши сезоната на петтото место во Лига 1 и обезбеди учество во Европската лига.
ФОТО: EPA PHOTO