ФИФА со финта сака да го сокрие фијаското наречено - Светско клупско првенство!

Челниците на Светската фудбалска федерација (ФИФА) дале насоки навивачите на стадионите да се распоредуваат во зони што се најчесто во кадар на камерите, со цел да се создаде илузија за полни трибини, пренесува „Дејли мејл“.

Овој потег доаѓа поради исклучително слабиот интерес за Светското клупско првенство, кое утре ќе почне во САД. И покрај амбициозната најава на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, дека со ова натпреварување „почнува нова ера во фудбалот“, гледаноста и интересот на навивачите се далеку под очекувањата. Продажбата на билети е разочарувачка, а празните седишта на стадионите стануваат очигледен проблем што ФИФА се обидува вештачки да го маскира.

Организаторите, свесни дека стадионите нема да бидат исполнети, решија да ги концентрираат присутните навивачи на одредени делови од трибините, со што камерите ќе бележат делови кои изгледаат пополнето, иако реалната слика е сосема поинаква. Во некои случаи, се очекува на стадиони со капацитет од над 70.000 места да имаат само третина пополнетост.

Контроверзната одлука на ФИФА да организира турнир од еден месец среде лето, веднаш по завршувањето на клупската сезона, беше оспорена уште од самиот почеток. Голем дел од јавноста и експертите ја сметаат за неразумна, особено поради веќе презафатениот фудбалски календар и заморот кај играчите – проблем кој Инфантино целосно го игнорира.

ФОТО: EPA PHOTO