Најдобрите светски тимови во САД ќе играат за награден фонд од - милијарда долари!

Најдобрите светски фудбалски клуба во следните четири недели ќе се борат меѓу себе не само за спортски престиж, туку и за дел од рекордниот награден фонд од една милијарда американски долари на првото Светско клупско првенство.

Турнирот, кој ќе се одржи во САД од 15 јуни до 13 јули, претставува амбициозен обид на ФИФА да го комерцијализира и глобализира клупскиот фудбал на невидено ниво. Паричните награди се структуирани така што речиси секој настап носи финансиска добивка, а и самото учество им гарантира на клубовите значителни суми. Клубовите од Океанија ќе добијат по 3,58 милиони долари само за настапот на СКП,тимовите од Африка, Азија и Северна Америка по 9,55 милиони, претставниците од Јужна Америка по 15,21 милион, додека европските екипи ќе инкасираат од 12,81 до 38,19 милиони долари, во зависност од нивниот ранг и историја.

Дополнително, натпреварувањето во групната фаза носи по два милиони долари за победа, а по милион долар за нерешен исход. Напредувањето низ елиминациските фази се наградува со сè поголеми износи: Пласман во осминафинале ќе значи дополнителни 7,5 милиони долари, во четвртфинале 13,125 милиони, во полуфинале 21 милион, додека финалистите ќе добијат по 30 милиони. Новиот светски клупски шампион ќе заработи дополнителни 40 милиони долари.

На првенството ќе учествуваат 32 клуба од сите континенти, поделени во осум групи. По завршувањето на групната фаза, најдобрите два тима од секоја група ќе преминат во елиминацискиот дел од турнирот, кој ќе се игра по нокаут-систем. Натпреварите ќе се одвиваат во 11 големи американски метрополи, меѓу кои Њујорк, Лос Анџелес, Мајами, Атланта и Вашингтон. Присуството на светски познати клубови како Реал Мадрид, Манчестер Сити, Баерн Минхен, ПСЖ, Бока Јуниорс и Палмеираш гарантира спектакл на теренот, а новиот формат сугерира дека турнирот има потенцијал да стане ривал на Лигата на шампиони.

Како дел од стратегијата за поголема гледаност, ФИФА склучи договор со стриминг-платформата ДАЗН, преку која сите натпревари ќе се пренесуваат бесплатно. За следење на преносите, доволно е корисниците да отворат бесплатен налог.

РАСПОРЕД НА ГРУПИТЕ

ГРУПА А: Порто, Палмеираш, Ал-Ахли, Интер Мајами

ГРУПА Б: ПСЖ, Атлетико, Ботафого, Сиетл Саундерс

ГРУПА Ц: Баерн М, Бока Јуниорс, Бенфика, Оукленд

ГРУПА Д: Челзи, Фламенго, Есперанца, Лос Анџелес

ГРУПА Е: Интер, Ривер, Урава, Монтереј

ГРУПА Ф: Дортмунд, Флуминенсе, Мамелоди, Улсан

ГРУПА Г: Ман. Сити, Јувентус, Ал Аин, Видад

ГРУПА Х: Салцбург, Реал Мадрид, Пачука, Ал-Хилал