Македонија загуби од Црна Гора уште пред воопшто да се одигра мечот во двојки!

Македонската тениска репрезентација во второто коло го претрпе првиот пораз на турнирот од Третата Европска група на Дејвис купот, откако загуби по двата одиграни сингл меча против Црна Гора.

Првиот сингл дуел донесе несреќен старт за Македонија, откако Амар Хусеиновиќ се повреди при резултат 3-4 во првиот сет и по консултација со медицинскиот тим мораше да се повлече од натпреварот. До тој момент, неговиот противник Алекса Кривокапиќ веќе имаше стекнато предност со еден брејк. Во вториот меч во поединечна конкуренција, Стефан Мицов не успеа да му се спротивстави на Петар Јовановиќ, од кого загуби со убедливи 1-6, 1-6. Во натпреварот во двојки, кој нема никаква важност, македонскиот состав ќе го претставуваат Калин Ивановски и младиот Кристијан Јанев, додека за Црна Гора, на теренот ќе се појават Симон Кнежевиќ и Алекса Кривокапиќ.

На турнирот во Скопје настапуваат шест селекции според системот „секој со секого“, по што трите првопласирани репрезентација ќе напредуваат во Втората европска зона, а двете најлоши ќе испаднат во ранг подолу.