Кошаркарите ќе ѝ гостуваат на Унгарија во „саличка“ изградена пред точно - 50 години!

Македонската кошаркарска репрезентација првиот натпревар од претквалификациите за СП 2027 ќе го одигра во сала со капацитет од едвај 2.000 гледачи, откако нашиот противник Унгарија реши своите домашни мечеви да ги игра во спортскиот објект „Тисалигет“ во Солнок.

Оваа одлука претставува промена во однос на претходните квалификации, кога Унгарците беа домаќини во Сомбатели, град чиј тим доминираше во националното првенство пет сезони по ред. Сега, пак, избраа да играат токму во домот на новиот шампион — Солнок Олај, кој неодамна го совлада Сомбатели во финалето.

Дуелот меѓу Унгарија и Македонија е закажан за 9 август, а потоа, четири дена подоцна, Македонија ќе ѝ гостува на Романија и тоа во Орадеа. Унгарскиот град Солнок се наоѓа на околу 100 километри од Будимпешта и досега не е познат како главно седиште за меѓународни репрезентативни натпревари, што ја прави одлуката на унгарската федерација релативно изненадувачка.

Тука во минатото има гостувано тимот на МЗТ Скопје, кога Солнок играше во АБА-лигата. Аеродромци одиграа три меча во салата „Тисалигет“ во која дојдоа до една победа и претрпеа два порази.