
Алкалоид во еден ден промовира дури седум нови засилувања за следната сезона!
Според луѓето од таборот на „фармацевтите“, новите имиња доаѓаат со цел да го засилат тимот и на домашната и на европската сцена, а многумина од нив веќе се дел од репрезентативните селекции. Меѓу најзвучните имиња е репрезентативецот Ненад Костески, кој од следната сезона ќе игра заедно со својот брат Никола Костески, кој веќе е дел од тимот од Автокоманда.
На левата бековска позиција пристигнува уште еден стружанец – Емилијан Ѓорговски (22), младински репрезентативец и еден од најголемите потенцијали на својата позиција. Михаил Аларов, пак, е пивот со солидно искуство во домашното првенство и настапи за репрезентацијата, како ракометар кој подеднакво добро се снаоѓа и во одбраната и во нападот.
По една сезона мината во српскиот тим Дубочица, Михаил Иваноски се враќа во Алкалоид, додека голманското трио ќе го комплетира младиот Ѓорѓи Николовски – израснат во младинските категории на клубот и во Мулти Есенс.
На позицијата лево крило доаѓа Давид Трајкоски, млад играч од РК Прилеп со искуство во Суперлигата, а како единствено засилување од странство, на лев бек е ангажиран српскиот репрезентативец Урош Борзаш. Се работи за бек-шутер со богато искуство и докажани квалитети, кој се очекува брзо да се вклопи во системот на игра на Алкалоид.