Невиден скок на ВТА-листата: Боасон напредуваше за 296 позиции

Талентираната француска тенисерка Лоис Боасон има неверојатни резултати на Ролан Гарос, каде што стигна до полуфиналето на гренслем-турнирот и со тоа напредуваше за 296 позиции на ВТА-листата, но може дополнително да го подобри својот скок ако го освои натпреварувањето.

Боасон денеска ја шокира Мира Андреева со 2-0 во сетови и потврди дека е најголема сензација на годинешниот турнир во Париз. Во моментов е на 361. место, но од понеделник на најновата ВТА-листа ќе биде најмалку на 65. место.

Французинката во полуфинале ќе се соочи против Коко Гоф, а со евентуална победа ќе освои нови бодови и со тоа ќе забележи нов скок на табелата. Доколку го освои пехарот на Ролан Гарос, тогаш од понеделник ќе има 2.171 поен и би го преземала 21. место на ВТА-листата.

Пред почетокот на турнирот Боасон беше зад македонската најдобра тенисерка Лина Ѓорческа, која триумфира во Куршумлијска Бања пред неколку дена.

Фото: EPA PHOTO