Елиминиран и вториот грчки тим, Монако и Фенер ќе играат во големото финале!

Монако со 78-68 го победи Олимпијакос во вториот полуфинален меч и против Фенербахче ќе се бори за трофејот во Евролигата, ова за нив е прво, историско финале во најголемото кошаркарско клупско натпреварување на стариот континент.

По елиминацијата на Панатинаикос од Фенербахче, исфрлен е и вториот грчки тим од Евролигата, Олимпијакос загуби од Монако.

Олимпијакос беше најдобар во регуларниот тек од сезоната, но нема да се бори за шампионската титула откако денеска одигра лош меч против Монако и го загуби натпреварот.

Првото полувреме помина во израмнета игра, а Монако почна да се одлепува во третата четвртина во која имаше и 13 позитива, водеше со 55-42. Олимпијакос стигна до -4, но францускиот тим брзо се врати, а со одлична игра во последниот период дојде до сигурен триумф од 78-68.

Монако одигра одлично тимски, Диало даде 22 поени, Џејмс 17, убедливо најдобар во составот на Олимпијакос беше Фурние, но тој не можеше сам, реализираше 31 поен, далеку повеќе од останатите соиграчи.

Монако против Фенербахче ќе игра во финалето, а двата грчки тимови, Панатинаикос и Олимпијакос ќе се борат за третото место.